Бутел без бодови од Кавадарци

Ракометарите на Тиквеш славеа против Бутел Скопје со 25-20 во натпреварот од 2 коло во суперлигашкиот плеј-оф.

Иако се очекуваше понеизвесен натпревар, сепак победникот беше најавен уште по првите триесетина минути, кога кавадарчани водеа со 16-10. По пет минути игра Бутел Скопје остана без столбот на одбраната Теодор Тодески.

Прилепчанецот заработи црвен картон по остар старт, но и домашните останаа без еден од најдобрите стрелци Димитар Коцев, кој исто така мораше на трибините по остриот старт над Јаневски.

Тоа не беше пречка за домашните да ги обезбедат победите во натпреварот на кој имаше многу грешки на двете страни. На стартот на вториот дел предноста на момците на Грчевски отиде и на девет плус, 20-11, па јасно беше дека бодовите остануваат дома.

До крајот немаше дилеми околу победникот, иако во двата тима шанса добија сите ракометари од составите. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мијушковиќ со седум, како и Коцев и Димовски со по пет гола, а голманот Печурица имаше 14 обрани, додека кај Бутел Скопје се истакна Шилегов со четири погодоци.

Во следното коло по репрезентативната пауза, Тиквеш ќе гостува во Автокоманда, додека Бутел Скопје ќе се соочи со шампионот Еурофарм Пелистер.