Актуелниот стратег на македонскиот првак Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, е сериозен кандидат за клупата на германскиот бундеслигаш Лајпциг, објави угледниот германски весник „Билд“.
По разочарувачкиот финиш на сезоната, во кој Лајпциг забележа пет порази по ред и само две победи во последните 14 натпревари, управата реши да му стави крај на ангажманот на Исланѓанецот Рунар Сигтригсон.
Во потрагата по ново тренерско решение, клубот најпрвин преговараше со поранешниот тренер на Фленсбург, Николај Крикау, и со младиот шведски стратег Оскар Карлен, но не беше постигнат договор со ниту еден од нив.
Токму затоа вниманието сега е насочено кон Раул Алонсо, кој веќе има искуство во Бундеслигата, каде беше помошник тренер во Кил. Алонсо остави силен впечаток со водството на Еурофарм Пелистер и неговото име сѐ повеќе се споменува како фаворит за преземање на Лајпциг.
Сепак, евентуалниот трансфер нема да биде едноставен – Алонсо има важечки договор со Еурофарм Пелистер до крајот на следната сезона, што значи дека Лајпциг ќе мора да плати оштета.