Со огромна болка и тага, бугарската ракометна јавност ја прими веста дека на 61-годишна возраст, во болница во Франција, почина селекторот на машката репрезентација на Бугарија, Илијан Василев.
И покрај сериозните здравствени проблеми, Василев остана на чело на националниот тим до самиот крај. Тој ја водеше репрезентацијата и на двата натпревари против Турција од претквалификациите за ЕП 2028, одиграни на почетокот на јануари.
Василев е првиот бугарски ракометар кој настапувал во француската елита. Со ЦСКА освои две шампионски титули и три Купа на Бугарија, како дел од генерацијата што оствари импресивна серија од 82 натпревари без пораз во сите натпреварувања.
За репрезентацијата на Бугарија настапуваше во периодот 1983 до 1995 година, запишувајќи над 250 настапи.
Од 1991 година живееше и работеше во Франција, најпрво како играч, а подоцна и како тренер. Со Ница трипати ја освои титулата во Втората лига, стана шампион и со Белфор, а во 1995 година настапуваше и во француската Супер лига.
Во последните години, Василев повторно му се посвети на бугарскиот ракомет, преземајќи ја машката национална селекција, во која настапува и неговиот син Кристијан Василев. Под негово водство, Бугарија освои неколку значајни признанија, а најголемиот успех беа сребрените медали на ИХФ првенството за земји во развој што лани се одржа во Варна.
























