Црногорскиот шампион Будуќност, кој пред почетокот на новата сезона се соочуваше со голема финансиска криза, натпреварите од Лигата на шампионите ќе ги игра во „стариот дом“.
Избраничките на Бојана Поповиќ во рамки од 2. коло од елитното натпреварување во спортската сала „Морача“ ќе го пречекаат Брест Бретањ.
Веќе неколку сезони Будуќност натпреварите од Лигата на шампионите ги играше во „Бемакс Арена“. Токму во „Морача“ најтрофејниот црногорски клуб ги имаше најголемите успеси на европска сцена, во сезона 2011/12 беше освоена титулата во ЛШ.
Будуќност во својата клупска историја има освоено трофеи во останатите европски натпреварувања, како и во Регионалната лига.
Раководството на клубот одлучи влезот за натпреварот против францускиот клуб да биде бесплатен, па така сигурно тимот на Поповиќ ќе има голема поддршка од трибините.