Новото бразилско засилување во редовите на Еурофарм Пелистер, Рудолф Хекберт, успешно се аклиматизира во новата средина, откако пристигна во Битола и се приклучи на тимот во текот на подготовките за новата сезона.
Бразилскиот репрезентативец замина со тимот на висински подготовки во Златибор, каде под водство на новиот тренер Рубен Гарабаја се работи интензивно на физичката и тактичката подготовка.
Хекберт, кој ќе биде партнер на искусниот Богдан Радивојевиќ на десната крилна позиција, вели дека првите денови во клубот и градот ги доживува позитивно, со поддршка од соиграчите и стручниот штаб.
„Моите први импресии се многу позитивни. Сите соиграчи ме примија многу добро. Одлично се чувствувам, многу ми се допаѓа градот и клубот и едвај чекам да започне домашното првенство и Лигата на шампионите. Очекувањата се највисоки и желен сум за натпревари пред нашите навивачи“, изјави Хекберт.
Пелистерци во Златибор ќе останат уште неколку дена, а потоа се враќаат во Битола, каде што ќе ги финишираат подготовките со настап на два силни турнира, во Охрид и Скопје.
Новата сезона официјално започнува со Супер Куп натпреварот против Вардар на 3 септември, по што следи стартот на Супер Лигата и настапот во Лигата на шампионите против Загреб.