Тимот на Куманово продолжува со активна работа на трансфер пазарот – потврди дека ќе го задржи еден од клучните ракометари од минатата сезона.
Бразилецот Гиљерме да Силва Фернандес, познат како „Самба“, потпиша нов договор со клубот и ќе продолжи да настапува на позицијата десен бек и во наредната сезона.
„Задоволен сум што успеавме да најдеме заеднички јазик со управата на клубот и што се договоривме и во наредната сезона да бидам дел од Куманово.Исто така задоволен сум од досегашниот предстој во градот, условите и тоа како бев прифатен од сите за кој сум им неизмерно благодарен“, изјави Фернандес.
Да Силва пристигна во јануари од бразилскиот клуб Сао Каетано, а претходно играше и во Португалија. Со одличните настапи во вториот дел од сезоната ги оправда очекувањата на управата и стручниот штаб, по што заслужено доби продолжување на соработката.
Покрај новиот тренер Аце Станковски, Куманово претходно ги договори Виктор Трифуноски од Борец ФЛ и Тоше Ончев од шпанскиот Новас, како и Александар Стојков од Струга, а нов договор беше потпишан со Христијан Крстаноски.
Договорена е нова соработка со средниот бек од Хрватска, Лука Матачиќ, па Куманово ќе има добар тим со кој ќе може да атакува на плеј-офот.