Селекцијата на Германија ја совлада Португалија со 32-30 и направи крупен чекор кон полуфиналето на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Иако Португалците беа во егал најголем дел од мечот, во неколку наврати и водеа, сепак во финишот „панцирите“ ја имаа контролата на теренот.
Сега Германија има четири бодови на своето конто, додека Португалија останува на двата бода што ги носи од пресметката со Данска. Допрва ќе се разгорува битката за полуфиналето и ќе следиме возбудувања во „Јуске Банк Боксен“.
Првото полувреме беше пресметка на двајцата голмани, Капдевил од Португалија и Волф од Германија, кои имаа над 45% на успешност во еден момент, па затоа на паузата се замина со реми и малку голови, 11-11.
Во вториот дел видовме побрза игра и помалку голмански одбрани, но и многу прекини во кои судиите прегледуваа спорни ситуации. Во една таква, капитенот на Германија, Јоханес Гола доби црвен картон по стартот на Кико Кошта во 52 минута.
Момците на Гисласон не ги поколеба тоа, Шлуроф и Усчинс со прецизните удари од далечина ја одржуваа предноста на Германија од еден до два гола во последните десетина минути, а Волф му фати три зицери по ред на Ареиа.
Послената минута беше драматична, Португалија намали на 31-30, Германците тргнаа во напад и беше досуден пенал кој го реализира Цербе, но набрзина момците на Переира возвратија. Останаа уште десетина секунди, Германија ја задржа топката до крај и Усчинс со гол во последната секунда стави точка на мечот.
Браќата Кошта беа најдобри со десет (Франциско) и шест гола (Мартим), додека кај Германците се истакнаа Шлуроф со седум и Усчинс со шест погодоци. Во другите две средби од групата 1, од 18:00 часот ќе играат Шпанија и Норвешка, а од 20:30 шлагот на вечерва двобојот меѓу домаќинот Данска и европскиот шампион Франција.

























