Божиновски и Начевски за првпат ќе судат во Лигата на шампионите!

Македонската двојка Даниело Божиновски и Виктор Начевски за првпат откако има ЕХФ значка ќе суди во најелитната конкуренција во Европа – Лигата на шампионите.

Тие досега беа активни во машкиот и женски ЕХФ Куп, во машката и женска Лига на Европа, а сега се искачуваат едно скакило погоре во клупскиот ракомет.

Европската куќа на ракометот ги делегираше официјалните лица за натпреварите од 11 коло во женската Лига на шампиони.

Божиновски и Начевски ќе го судат скандинавскиот двобој меѓу данскиот Икаст и норвешката Сола.

Овој натпревар е закажан за 25 јануари од 16:00 часот, делегат ќе биде Стефансон од Исланд, а ќе се игра во салата „ИБФ Арена“.

Покрај Божиновски и Начевски, делегирање доби и Марјан Начевски, кој ќе биде делегат на средбата меѓу Ференцварош и Крим што ќе се игра на 24 јануари во Ерд.