Од петок до недела ќе се одиграат натпреварите по групи во Купот на Македонија и ќе бидат познати патниците на завршниот турнир.
Ракометарките на Ѓорче Петров в сабота ќе играат против тимот на Спартак во рамки од првото полуфинале од четвртата група во Купот на Македонија.
Избраничките на Симе Симовски се фаворити во дуелот против младиот тим на Спартак и релативно лесно се очекува да изборат победа.
Една од најмладите во редовите на Ѓорче Петров, Ева Божиновска, ги истакна своите очекувања за саботниот дуел.
,,За следен предизвик ги имаме натпреварите од Купот на Македонија. Во сабота нѐ очекува средба со Спартак. Без разлика на тоа што веќе двапати убедливо го победивме Спартак и се смета за лесен ривал, во секој натпревар влегуваме максимално подготвени, дисциплинирани и фокусирани. Практикуваме во секој натпревар да влегуваме со цел да ги исполниме дадените задачи и секако тимски да одиграме”, изјави Божиновска.
Ѓорчепетровки нема да имаат тешка пречка кон патот до Ф4 од Купот на Македонија, бидејќи во финалето ќе ги очекува Пелистер.
,,Како и на секој натпревар, така и на дуелот со Пелистер, очекуваме да одиграме на наше ниво без разлика дали ривалот е лесен или тежок. Секако дека има простор за усовршување на играта и тактиката, но нашата цел е јасна и имаме големи шанси и мотив да ја оствариме”, додаде Божиновска.
Екипата на Ѓорче Петров во претходните две сезони не успеаваше да ја освои дуплата круна, на двапати направи кикс на Ф4 турнирот од Купот.
Натпреварот меѓу Спартак и Ѓорче Петров ќе се одигра на 23 март (сабота) со почеток од 15:30 часот во спортската сала при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода.
Финалниот дуел од оваа група е закажан еден ден подоцна, односно во недела, а дополнително ќе биде позната саатницата.