Младиот стратег Божидар Мојсов и во новата сезона ќе биде предводник на амбициозниот тим на Прилеп.
Битолчанецот во првата сезона како тренер на Прилеп успеа да му донесе опстанок на клубот во елитната конкуренција, откако имаше 11 победи и едно реми во суперлигашкиот плеј-аут
Мојсов уште од самото формирање на Еурофарм Работник работеше во битолскиот тим, потоа откако клубот направи фузија со Пелистер, продолжи да ја извршува позицијата помошен тренер и собираше искуство од истакнати тренери.
Во неколку наврати беше во улога на прв тренер на тогашниот Еурофарм Работник, го водеше и во Лигата на шампионите, а може да се пофали и со победа над славната Бидасоа.
Минатото лето го презема Прилеп и очигледно го води новиот проект на прилепскиот ракомет, кој и во новата сезона ќе влезе со големи амбиции. Главните тестови пред новата сезона, прилепчани ќе ги имаат на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ од 29 август до 1 септември.