На Босанскиот Ракометен Сојуз му се заканува суспензија на сите репрезентации, клубови и службени лица од страна на Европската ракометна федерација.
ЕХФ им наложи на Босанците до 15 август да му исплатат 138.812,18 евра трошоци во спорот со поранешниот селектор Ивица Обрван, кој ја водеше БиХ во 2021 и 2022 година.
По заминувањето од босанската клупа, Обрван ја тужеше федерацијата за сите неисплатени плати и го доби спорот, а сега сметката стигна за наплата.
Доколку од сојузот не ги исплатат сите долгови кон Обрван во предвидениот рок, ЕХФ ќе ја суспендира БиХ од сите натпреварувања, суспензија ќе има и за клубовите и службените лица од оваа земја.
Со Обрван машката репрезентација на БиХ играше на ЕП 2022, потоа на негово место дојде Ирфан Смајлагиќ, со кого исто така имаше разделба, а сега на клупата седи Дамир Доборац.