Босанец и Црногорец ја избраа Словенија – на располагање му се на Урош Зорман!

Словенечката ракометна репрезентација доби две нови интересни имиња откако селекторот Урош Зорман првпат ги повика Тарик Велиќ и Мирко Латковиќ. Станува збор за двајца млади ракометари со потекло од Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои решиле во иднина да настапуваат за Словенија и веќе отворено зборуваат за своите амбиции во националниот тим.

Велиќ, кој е роден во Зеница, во Словенија се преселил уште како кадет во 2019 година и оваа сезона игра во одлична форма. Сезоната тој веќе има 112 гола на 24 натпревари за Горење, а повикот во репрезентацијата го дочекал со големо задоволство.

„Се чувствувам одлично. Навистина ми е чест и задоволство што добив можност да се докажам и да заслужам нови повици во иднина“, изјави Велиќ за словенечка „Екипа“.

Тој отворено објасни и зошто се реши да игра за Словенија наместо за својата татковина.

„Во Словенија имам подобри услови, за мене е подобро да играм за словенечката репрезентација. Полесно напредувам. Ако останев во татковината, ќе имаше помалку акции, помалку натпреварувања, помалку од сè“, вели Велиќ.

Младиот ракометар призна дека реакциите од Босна и Херцеговина не биле едногласни, но нагласи дека поддршката од најблиските му била најважна.

Слична е и приказната на Мирко Латковиќ. Десниот бек потекнува од Ловќен во Црна Гора, а во Словенија игра од 2020 година. Во меѓувреме доби и словенечки пасош, со што стекна право да настапува за словенечката репрезентација.

Латковиќ откри дека долго чекаше за да може да го направи тој чекор.

„Три години морав да чекам поради правилата на меѓународната федерација за да добијам право на настап за Словенија. Сега тоа е можно. Не очекував дека селекторот ќе ме повика толку брзо, мислев дека тоа ќе дојде за една година, но се чувствувам одлично и среќен сум што првпат сум дел од репрезентацијата“, изјави Латковиќ.

Тој зборуваше и за реакциите од Црна Гора, каде што, според него, навивачите на почетокот не ја прифатиле лесно неговата одлука.

„Моите, секако, не беа против, но навивачите на почетокот беа. Но тоа е нормално, тие сакале да играм за нив. Јас така одлучив и мораа да го прифатат тоа. Со сите сум во добри односи, и со луѓето од црногорската федерација“, изјави Латковиќ.

Посебно амбициозен е Велиќ, кој јасно порача дека со Словенија гледа кон највисоките цели.

„Со Словенија имам најголеми амбиции. Европски првенства, светски првенства, Олимписки игри… Во иднина, секако. Јасно ми е дека нема веднаш да влезам во прв план, но сакам да напредувам и да бидам сè подобар и поважен за екипата“, изјави Велиќ.

Словенците во оваа недела на ЕХФ не играа пријателски натпревари, а во мај ги очекува бараж двомеч со Црна Гора за пласман на СП 2027.

Зорман веќе го има на располагање црногорскиот голман Милјан Вујовиќ, а своевремено за Словенија играше и белоруската легенда Сергеј Рутенка.