Македонскиот првак Еурофарм Пелистер в четврток го игра последниот натпревар во Лигата на шампионите за оваа сезона.
Во Битола гостува францускиот ПСЖ, а левиот бек Урош Борзаш вели дека треба да ги користат сите шанси што ќе им се пружат, но да се користат и слабите страни на ПСЖ.
„Оставаме зад нас тежок период. Мислам дека бевме добри, ги победивме важните натпревари. За жал се испостави дека нема да ја поминеме групата во Лигата на шампионите. Дуелот против ПСЖ в четврток е празник за луѓето во Битола, бидејќи ни доаѓа една од најдобрите светски екипи. Треба да се покажеме во вистинско светло, да дадеме максимум како и на сите натпревари досега и да се обидеме да победиме. Знаеме дека ПСЖ ќе дојде мотивиран во Битола, бидејќи важно им е да завршат второпласирани во групата и директно да се пласираат во четвртфинале. Ќе дојдат во најсилен состав и со мотив да победат. Последните натпревари против ПСЖ покажаа дека добро играме против овој тим. Одигравме храбро и не го респектиравме ривалот на првиот дуел сезонава. Така треба да бидеме и в четврток и да ги искористиме нашите шанси и нивните слаби страни. Сакам да се заблагодарам на атмосферата во Лигата на шампионите оваа сезона. Навистина ги имаме најдобрите навивачи во Европа, салата е веќе распродадена в четврток и верувам дека фановите пак ќе бидат со нас“, изјави Борзаш.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ се игра во салата „Боро Чурлевски“ в четврток во 20:45 часот.