Кошмарно заврши Европското првенство за репрезентацијата на Црна Гора. „Лавовите“ по драматичниот пораз од Словенија со 41-40, доживеаја два дебакли – од Фарските Острови, 37-24 и од Швајцарија со 43-26, резултати кои најдобро ја отсликуваат агонијата на црногорскиот тим на овој шампионат.
По ваквиот дебакл, атмосферата во таборот на Црна Гора очекувано беше далеку од добра. Еден од лидерите на селекцијата, Вуко Борозан, без влакна на јазикот зборуваше за тешките моменти, но испрати и порака со надеж за иднината.
„Никој не го очекуваше ова, навистина не знам што да кажам. Во животот и во спортот има убави и тешки моменти, но има и вакви, срамни. Овие момци иако дадоа сè од себе, резултатот е таков каков што е. Мене прв ми е срам и јас ја преземам одговорноста. Но едно знам, оваа група има квалитет и ќе се издигнеме, ќе бидеме посилни и ќе се вратиме таму каде што ни е местото. Ова не е реалната слика за нашата репрезентација“, истакна Борозан.
И покрај тоа што на клупата е легендарниот Дидие Динар, некогашен одличен дефанзивец, токму одбраната беше најслабиот сегмент на црногорската селекција на овој турнир.
„Не можеме да кажеме дека проблемот е во селекторот. Тој не може сам да застане и да игра одбрана, ниту голманите можат да одбранат сè кога имаат отворени удари. Сите потфрливме. Ова не беше наш турнир. Треба да извлечеме поука и убеден сум дека ќе се вратиме многу посилни“, заклучи поранешниот вардарец.
Следен предизвик за Црна Гора ќе биде двомечот во баражот за СП 2027 против Финска.

























