На денешната програма во Женската лига е дерби натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Вардар.
Ѓорчепетровки во досегашниот тек од сезоната немаат загубено бод, додека вардарки на 12 одиграни натпревари забележаа девет победи, едно реми, но и два порази.
Ракометарките на „црвено-црниот“ тим секогаш биле незгоден ривал против актуелниот бранител на титулата и со евентуална победа над Ѓорче Петров би се вклучиле во борбата за првата позиција на табелата.
Една од носителките на играта во редовите на Вардар, Борјана Коцева, го најави дуелот со „лавиците“.
„Нѐ очекува натпревар против тимот на Ѓорче Петров, кој е навистина многу квалитетна екипа. Доста добро се воиграни и имаат поголем ростер на располагање во однос на нашиот тим. На нас ни останува да го дадеме максимумот на овој натпревар и да се надеваме на добар исход. Нашата цел е што подобро да се пласираме во оваа сезона и да бидеме меѓу најдобрите три екипи. Сезоната сѐ уште не е завршена, има уште многу натпревари за надигрување и докажување. Иако некои веќе не откажаа во борбата за титулата, нас тоа не ни претставува погазување. Наше е во вториот дел од сезоната да играме многу подобро и да се надеваме на повисок пласман”, изјави Коцева.
Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Вардар ќе се одигра денес во спортската сала „Христо Батанџиев“ со почеток од 18:00 часот. Влезот за сите љубители е слободен.
Николовска: Го респектираме Вардар, одбраната ќе биде клучна за трите бода