Поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова, одлучи да стави крај на својата ракометна кариера.
37-годишната гевгеличанка во иднина ќе се посвети на животот надвор од спортот на Малта, каде што живее подолго време.
Митрова во 2022 година се пресели на островската земја и настапуваше за Феникс, со кој го имаше и првиот интернационален предизвик.
Паралелно со играчката кариера, почна и тренерска и работеше со младите генерации, а во сезоната 2023/24 беше прогласена за МВП во шампионатот на Малта.
Во Македонија ги бранеше боите на Гевгелија, Кабран Амбалажа од Кавадарци и Металург, со кој освои повеќе титули и Куп трофеи.
Најголемиот успех на европска сцена го оствари токму со Металург, кога стигна до полуфиналето на Челинџ Купот.