БОМБА ОД СТРУГА: Пепи Манасков е желба на „паткарите“ – може да биде и реалност

Легендата на македонскиот ракомет Пепи Манасков е желба на тимот од Струга кој сака да има звучно име на клупата кој ќе донесе и нов квалитет во борбата за опстанок и создавање на стабилен тим. Како што дознава 24Ракомет, клубот веќе воспоставил контакт со Манасков и постои реална можност тој наскоро да ја преземе тренерската функција. Засега се е во фаза на разговор.

Клубот ги почна подготовките за новата сезона, засега „диригент“ ќе биде Жарко Феруковски кој и порано бeше тренер на сениорскиот тим, а работи и во младинските категори. Стружани останаа без тренер откако Наум Танески реши првпат да замине од градот и да прифати ангажман во друг клуб – во Прилеп.

Струга има јасна цел – опстанок и стабилизација во Супер Лигата, за што веќе се ангажирани неколку засилувања, а се очекуваат и нови имиња во составот. Во таа насока, ангажманот на искусен и докажан стратег како Манасков се гледа како важен чекор за подигнување на квалитетот и воспоставување јасна спортска структура.

Покрај богатата домашна и инетренационална играчка кариера исполнета со успеси, Манасков беше и тренер во Куманово, Вардар Јуниор, Металург, Работнички.. Тој беше избран за ракометар на векот во Македонија.

Градот Струга и клубот важат за ракометен расадник, кој низ годините дал голем број репрезентативци. Покрај тоа, клубот располага со одлична ракометна школа, чија работа редовно носи резултати – младите категории на Струга секоја година се меѓу најдобрите во своите генерации.

Во план е изградба на долгорочен систем за развој на младите и стабилен сениорски тим, под водство на стручњак со неспорен авторитет и визија. Сепак, за финализирање на договорот ќе биде потребна и дополнителна финансиска поддршка. Потребно е изнаоѓање на спонзори кои би можеле да ја поддржат иницијативата и со тоа да овозможат реализација на соработката.

Доколку условите бидат исполнети, Струга би направила крупен чекор напред, ангажирајќи тренер со докажан успех и јасна визија. Манасков е подготвен за нов предизвик – останува клубот да ја добие потребната поддршка и проектот да стане реалност.