Богдан Николиќ останува во БиХ, ќе продолжи да игра за тимот на Касим Каменица

Поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје и Струга – Богдан Николиќ, и наредната сезона ќе остане во босанскиот тим Горажде.

Црногорскиот среден бек откако го заврши престојот во Обединетите Арапски Емирати, каде што настапуваше во тимот на Ал Аин, се врати во БиХ на почетокот на минатата година и одработи една и пол сезона со Горажде.

Искусниот ракометар се договори за продолжување на соработката со тимот што е предводен од некогашниот стратег на многу македонски екипи – Касим Каменица, а во тимот играат екс пелистерците Харис Плех и Елмир Граџан.

Николиќ во Црна Гора го носеше дресот на Сутјеска и Ловќен, пред да дојде во Македонија каде мина четири сезони во Пелистер, две во Струга и една сезона во Бутел Скопје.

Потоа беше дел од босанската Слобода Тузла, а една полусезона настапуваше и за израелскиот Макаби Димона. 31-годишниот Николиќ ги мина сите репрезентативни категории на Црна Гора и со своето големо меѓународно искусто сигурно ќе биде еден од главните играчи во босанскиот клуб.