Близнаците Трсунови ќе играат за Бутел Скопје

Браќата Атанасиј и Архангел Трсунови се нови членови на суперлигашот Бутел Скопје кој ја продолжува праксата на ангажман на млади македонски ракометари во составот.

Трсунови доаѓаат од младинската школа на Еурофарм Пелистер, имаат по 17 години, а зад себе веќе имаат запишано настапи против Барса, ГОГ Гудме, Келце…во младинската Лига на шампиони.

Атанасиј настапува на голманската позиција, додека Архангел игра на сите бековски позиции. Двајцата се наоѓаат на поширокиот список на машката кадетска репрезентација на Македонија, а со битолскиот клуб имаат освоено многу признанија во младинските категории.

Двајцата потпишаа договори со Бутел Скопје на три сезони и ќе останат во тимот на Горан Кузманоски најмалку до 2028 година.

Претходно клубот се засили со голманот Благојче Трајкоски, левите бекови Давид Гришикашвили и Петар Николоски, а договорот го продолжи Димитар Ѓоргиевски.