Екипата на Јехона од Гостивар, која за оваа сезона првпат пријави сениорски тим кај дамите, ја запиша својата прва историска победа во Првата лига.
Во рамки на второто коло, избраничките на тренерот Фари Селмани беа убедливи на гостувањето во Скопје против тимот на Шампион – конечни 32-13.
Прашањето околу победникот беше решено уште по првото полувреме, во кое гостинките постигнаа 15, а примија само четири гола.
Најрасположена во дресот на Јехона беше младата и талентирана Алтина Хасани, која натпреварот го заврши со 11 погодоци, додека Марија Ѓорѓиевска постигна седум.
Ова е голем чекор напред за клубот од Гостивар и охрабрување за понатамошниот развој на женскиот ракомет во регионот.