Пред мечот беше јасно дека Бутел и теоретски обезбеди пласман во плеј-офот, па многу порелаксирано влегоа домашните на мечот. На крајот сепак победија, со 35-27 иако мораа добро да се намачат против гостите од Велес. Тие ја видоа својта шанса и се понадеваа дека со бодови може да се искачат некое скалило погоре и да пренесат бод плус во плеј-аутот.
Бутел можеше уште во првото полувреме да направи разлика, бидејќо од почеток поведе со 7-3. Тоа беше аларм за клупата на Борец, па тренерот Владимир Глигоров мораше да побара тајмаут за да подели совети.
Се намали разликата на два гола за Бутел, но потоа Борец ги искористи сите шанси, па не само што намали, туку успеа и да израмни, 11-11. Во 26 и 29 минута Бутел двапати не искористи пенал, ама на крајот од полувреме сепак имаа позитива, 15-13.
Го имаа домашните расположениот Бојан Блажески кој двоцифрено го заврши мечот, а само во првото полувреме имаше десет одбрани. Благодарение на него, гостите не направија пресврт.
Лош период имаа домашните на почетокот на второто полувреме кога со три исклучувања за три минути му дозволија на гостинот да се врати во игра, па дури и да поведе. Но, кризата траеше само во 37 минута, кога Бутел израмни на 19-19, а потоа и го презеде водството.
Откако во 46 минута домашните поведоа со 25-20 како да го најавија триумфот. Одбраната на Бутел остана без Теодор Тодески кој доби директен црвен картон по еден фаул, и Бутел требаше да издржи уште 12 минути до крај.
Новата „петка“ и водство 28-23, и 17-та одбрана на Блажески беш потврда дека Бутел се „разбуди“ и ќе игра сосема поинаку од дотогаш. Последните десет минути од мечот домашните имаа предност од 30-23, и веќе беше јасно дека гостите се „скршени“, па требаше само рутински да се доведе натпреварот до крај.
За Бутел ќе биде тешко да стигне до петтото место, бидејќи има гостување во Битола кај Еурофарм Пелистер, а Борец е домаќин на Прилеп и гостува кај Тиквеш.