Битолските навивачи во фокусот на ЕХФ – како Чкембари креираат зелена магија

Навивачите на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, Чкембари, и атмосферата што тие ја создаваат одамна е надалеку позната низ Европа и светот.

Европската ракометна федерација им посвети внимание на Чкембари во најавата за „натпреварот на неделата“ во најелитната европска конкуренција.

„Кога Еурофарм Пелистер утре ќе го пречека ПИК Сегед во „натпреварот на неделата“ од седмото коло во Лигата на шампиони, македонскиот тим знае дека може да смета на својот „осми играч“ – навивачите, познати како Чкембари. Тие повторно ќе ја претворат салата „Боро Чурлевски“ во магично место – како што тоа го прават веќе четири децении. Кога летово пристигна во Битола, шпанскиот стратег Рубен Гарабаја веќе слушнал многу за навивачите на својот нов клуб. Слушнал дека, кога Еурофарм Пелистер игра дома, публиката ја претвора арената со капацитет од 3.000 гледачи во вистински ракометен вулкан. Зелените дресови и шалови се насекаде. Атмосферата е разгорена, песните се гласни, поддршката безрезервна. Но, кога првпат ја предводеше екипата во натпревар од Лигата на шампиони оваа сезона, фановите сепак успеаја да го остават без зборови.

„Многумина ми зборуваа за атмосферата овде,“ рече Гарабаја по победата на Пелистер над Загреб со 25-23 во првото коло во септември. „Но сè додека не го доживееш тоа лично, не можеш да разбереш каква магија има во оваа сала. Со ваква поддршка, навистина е лесно да се игра.“

„Чкембарите и Пелистер“, тоа е приказна за страст долга четири децении. Сè започна во 1985 година, кога голема група битолчани отпатуваа да го бодрат својот клуб на гостувањето кај Партизан Бејеловар. Тоа беше почетокот на една невидена навивачка посветеност – не само кон ракометниот клуб, туку и кон фудбалскиот и кошаркарскиот Пелистер. Оттогаш, групата што подоцна се нарече Чкембари не ги поддржува само дома, туку често патува со тимот и на гостувања, понекогаш со над 2.000 навивачи на пат. Чкембарите не се само поддршка – тие го живеат Пелистер. Тоа е нивен начин на живот. Иако нивната љубов кон Пелистер е безусловна, тие не ги гледаат работите исклучиво низ зелено-бели очила. Знаат да бидат критични кога играта не е на нивото што го очекуваат, но исто така знаат да покажат почит кон противникот и да признаат кога другиот тим бил подобар. Не е чудо што често може да се видат Чкембари како бараат селфи со ѕвезди како Блаж Јанц од Барселона или Оли Митун од ГОГ. Како и секогаш, ќе сторат сè што можат од трибините – за да му помогнат на Еурофарм Пелистер да направи уште едно големо чудо.“, се вели во статијата на ЕХФ.

Утре, Чкембарите повторно ќе бидат на нозе кога Еурофарм Пелистер ќе го пречека ПИК Сегед во рамки на 7. коло од Лигата на шампиони.

Со само една победа по шест натпревари досега, избраниците на Гарабаја мора да освојуваат бодови ако сакаат да ги задржат шансите за првпат да влезат во плеј-офот на Лигата на шампиони.

„Мојата порака до навивачите е дека ќе видат тим што ќе се бори со цело срце и со огромна желба за победа,“ изјави Гарабаја во пресрет на дуелот со ПИК Сегед.