БИТОЛСКАТА МАШИНА МЕЛЕ: Куманово прегазено со 45-20 и турнато кон дното

Ракометарите на Еурофарм Пелистер без никакви проблеми го совладаа Куманово со убедливи 45-20 и го запишаа деветтиот триумф во 11. коло од македонската Суперлига, уште еднаш потврдувајќи ја разликата во квалитет.

Иако шампионот настапи без голманот Никола Митревски, на голот во првото полувреме беше Саид Хеидарирад, а стручниот штаб имаше на располагање широк ростер, што не остави простор за изненадување во салата „Боро Чурлевски“. Во тимот ги немаше ниту Богдан Радивојевиќ, Давид Брестовац и Ник Хенигман.

Битолчани рано го презедоа контролната врз натпреварот. Куманово во периодот од 3. до 9. минута успеа да постигне само еден гол, а Еурофарм Пелистер тоа го казни со серија погодoци и создаде комотна разлика. Слична слика се повтори и меѓу 13. и 19. минута, кога гостите повторно останаа речиси немоќни во нападот, постигнувајќи само еден гол, додека домашниот тим рутински ја зголемуваше предноста.

На полувреме резултатот гласеше 20-8, со двоцифрена предност која јасно го најави исходот. Во вториот дел Пелистер не го спушти ритамот – повторно беше далеку поефикасен, го доби и ова полувреме со двоцифрена разлика (25-12) и на крај ја заокружи победата на високи 45-20.

Кај Еурофарм Пелистер најефикасни беа Филип Кузмановски и Петар Атанасијевиќ со по 7 гола, при што Атанасијевиќ имаше перфектен учинок (7/7). Кај Куманово се истакнаа Цековски и Стојков со по 4 погодоци.

Со оваа победа шампионот останува цврсто позициониран во врвот на табелата и во следното коло ќе го пречека Бутел Скопје, додека Куманово ќе гостува кај екипата на Радовиш, во обид да ја прекине серијата негативни резултати.