Битолчанки со триумф среде Скопје – го добија дербито на дното

Екипата на Пелистер на убедлив начин ја затвори календарската година, откако во дербито на дното од 13. коло од Супер женската лига триумфираше против Спартак со 31-20.

Битолчанки ја преземаа контролата уште од самиот почеток на натпреварот и на полувремето заминаа со предност од 11-7. Во вториот дел гостинките одиграа далеку поквалитетно и поефикасно, постигнувајќи дури 20 погодоци и без поголеми проблеми стигнаа до сигурна победа од 11 гола разлика.

Најефикасна во победничкиот состав беше Анастасија Тодоровска со девет погодоци, од кои шест од линијата за седум метри. Значаен придонес во победата дадоа и Сара Котевска и Даниела Шиниковска со по пет голови.

Кај екипата на Спартак, најрасположена беше Зорица Андовска со седум погодоци, додека Јана Грковска натпреварот го заврши со пет реализации.

На табелата сега Пелистер има четири бодови на седмото место, додека Спартак е последен со два бода и без победа.