Битола следната сезона повторно ќе има две суперлигашки ракометни екипи, откако Еурофарм Пелистер 2 „експресно“ се врати меѓу елитата.
На три кола до крај на првенството во Прва лига, тимот предводен од Александар Зарков со 15 триумф по ред во плејофот има недостижна предност во однос на вториот тим од Автокоманда.
Еурофарм Пелистер 2 го победи Драчево со 46-25 (23-10) во 15 коло и има 30 бода, и меч помалку во однос на најблискиот конкурент. Останува да одиграат уште три натпревари, но веќе го слават враќањето во Супер лигата.
Неизвесноста на мечот беше само колку „лесно“ домашните ракометари ќе победат и со која разлика, бидејќи беа апсолутни фаворити на средбата. И то аго покажаа од самиот почеток. Нa полувреме предноста беше „плус 13“ за Еурофарм Пелистер 2, 23-10. Гостите од Скопје допатуваа со минимален број ракометари, 12 колку што предвидуваат правилата, и знаеја дека немаат шанса да освојат бодови.
Иако домашните останаа без Бен Махмуд уште во 23 минута поради директен црвен картон, немаа проблеми во играта, беа надмоќни во секој поглед.
Беше само рутина до крај на средбата, и прашањето што „висеше во воздух“ беше со колкава разлика ќе заврши натпреварот во корист на Еурофарм Пелистер 2.