Бисинов супериорен на гостувањето кај Македонија ЃП

Еден од прволигашите кои атакуваат на пласман во Супер лигата, тимот на Бисинов, на гостувањето во Скопје кај Македонија ЃП дојде до убедлива победа од 39:24.

Тимот од Велес уште од самиот старт тргна фуриозно и воспостави контрола на теренот. Бисинов поведе со 8:0 во воведните десет минути и уште во тој момент се знаеше дека бодовите ќе ги освои гостинската екипа.

Македонија ЃП првиот гол на натпреварот го постигна дури кон половината од првиот дел, односно во 13 минута кога Стојаноски реализираше во мрежата на гостите и до крајот само повремено успеваше да го најде патот до противничкиот гол.

Откако Бисинов замина на пауза со убедливо водство од 18:9, во вториот дел продолжи со исто темпо, започна постепено да ја зголемува разликата и на крај дојде до убедлив триумф, кој беше изразен со 15 гола разлика.

Предводници во победничката екипа беа Ивица Илиев и сѐ подобриот Мартин Иванов, двајцата постигнаа по девет погодоци. Кај поразениот табор најефикасен беше Максимилијан Ѓиноски со четири реализации.