Новиот суперлигаш, тимот на Бисинов, без пораз го заврши настапот во прволигашката конкуренција, откако на свој терен триумфираше над Јехона со 37:27 во последниот сезонски натпревар.
Бисинов урна рекорд во македонскиот ракомет, стана првата екипа која ја освоила титулата во Првата лига без ниту еден изгубен бод. Сега раководството на клубот ќе има многу раце работа за следната сезона, бидејќи настапот во Супер лигата е далеку поскапа дружба.
Велешани одлично го стартуваа натпреварот, поведоа со 5:1 во воведниот дел, одржуваа предност од еден до два гола разлика до 15 минута, потоа тимот на Јехона направи камбек и израмни на 9:9. По нерешените 10:10, избраниците на Бисинов заиграа поангажирано, повторно започнаа да водат, но кога требаше да го направат потребниот чекор, односно да ја осигураат победата, ракометарите од Гостивар израмнија на 16:16.
На пауза Бисинов замина со минимални 17:16, a во вторите 30 минути до израз дојде квалитетот меѓу двете екипи, па така велешани со лесни голови од контри и полуконтри постепено ја зголемуваа разликата за конечни десет гола разлика.
Најефикасни во победничката екипа беа Ивица Илиев со осум и Никола Димитров со шест погодоци. Во поразениот табор се истакна Бојан Давидоски со осум реализации.