Биоска блесна на голот, Нант го нокаутира Келце!

Ракометарите на Нант ја запишаа првата победа во Лигата на шампионите, откако славеа против фаворизираниот Келце со 23-20. Предводени од шпанскиот голман Игнасио Биоска, со 14 одбрани, домаќините не му дозволија на Келце во ниту еден момент да помисли дека може да освои бодови во Нант.

Полскиот тим отпатува со 13 ракометари во Франција, не играа Македа, Алекс Душебаев…но тоа не треба да биде оправдување за слабата игра.

Уште на стартот домашните поведоа со 7-3, а потоа и 9-4, а да не биде се така црно до паузата се погрижи Карачиќ со голот за 13-10 на паузата.

Келце не се предаде, се врати во егал во вториот дел на 14-14, но тоа беше се од момците на Талант Душебаев.

Следуваше уште една црна дупка во нападот, Нант го искористи тоа и стигна до највисоки плус седум, 23-16. До крајот полскиот вицепрвак успеа да погоди четири пати во серија за 23-20, но немаше време за нешто повеќе на овој натпревар.

Крилата на Нант, Ривера и Одриозола, комбинираа 13 погодоци, додека кај Келце се истакна Карачиќ со пет гола.