Бинго доби отказ, крило од Исланд доаѓа во Автокоманда!

Францускиот интернационалец Арно Бинго по две сезони не е повеќе член на „сино-белиот“ тим од Автокоманда. Иако потпиша нова соработка со третопласираниот тим од македонското првенство, сепак тој доби отказ од клубот предводен од Кирил Лазаров.

Причините зошто клубот се откажува од еден од најдобрите играчи и стрелци, остануваат непознати. Но македонскиот проект сепак не чекаше долго и веднаш ангажира ново име на левата крилна позиција – и тоа странец.

Според информациите на 24Ракомет, станува збор за исландскиот интернационалец Улфар Пал Монси Тордарсон, кој доаѓа од тимот на Валур. Тордарсон има 25 години, минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во овој тим во Лигата на Европа, а на Вардар на мечот во Исланд му даде 11 гола.

Тој потекнува од Валур, таму играше до 2020, па три сезони мина во Афтурелдинг, пред да се врати во Валур, од каде доаѓа во Автокоманда и настапите во Македонија ќе бидат прво интернационално искуство за 25-годишното лево крило.

Покрај Бинго, раководството на „сино-белите“ бара начин да се ослободи и од неколкумина од македонските ракометари кои се „вишок“, но дали ќе успеат во намерата останува да се види.

Покрај Тордарсон, тимот на Лазаров оваа сезона ги засили редовите со Урош Борзаш, Ненад Костески, Емилијан Ѓорговски, Mихаил Аларов, Давид Трајкоски, Михаил Иваноски и Ѓорѓи Николовски, а клубот го напуштија Благојче Трајкоски, Франциско Силва и Давид Саврески.