Ракометарите на Прилеп во натпревар од 6. коло од плеј-аут фазата пред домашната публика славеа над еден од директните ривали за опстанок, тимот на Вардар Неготино, со 27:22.
Прилепчани со денешниот триумф остануваат на првата позиција на табелата, сега имаат 18 бодови, додека второпласиран засега е следниот ривал на Прилеп, Еурофарм Пелистер 2, со 15 бодови.
Заменик капитенот на Прилеп, Христи Бикоски, ги истакна своите впечатоци по добиената битка со неготинци.
,,Уште не е завршена работата, имаме уште шест натпревари, на секој натпревар одиме на максимум, без разлика што сега колку-толку сме опстанати. Одиме напред, ситемот функционира одлично и клучот за одличното прво полувреме, како и за победата беше дисциплината, беше испочитувано сѐ, како што се договривме така и одигравме до крај”, изјави Бикоски.
Левото крило очекува победа и на незгодното гостување кај Еурофарм Пелистер 2.
,,Со Еурофарм Пелистер 2 нѐ очекува тежок натпревар, моментално како што играме со оваа игра не ме плаши гостувањето следниот викенд во Битола, одиме да дадеме максимум, да одиграме како што треба, најпрво да се одмориме, имаме два дена одмор, ќе се подготвиме да анализираме и секако, одиме на победа и таму”, додаде Бикоски.
Прилепчани на шест натпревари во досегашниот тек од плеј-аутот остварија пет победи и едно реми.
,,Мислам дека времето и дисциплината беа клучни за одличниот старт, малку на почетокот сакавме сѐ пребрзо да оди, целевме кон плеј-оф, но не обезбедивме пласман, сепак, го оставивме времето да покаже и покажа дека можеме да играме многу подобро, но и ова баш не е најдобро, допрва следува најдоброто од Прилеп во наредните натпревари”, заврши Бикоски.
Следен предизвик за ракометарите на Прилеп ќе биде гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2, кој денес славеше во Скопје против Голден Арт.