Поранешниот словенечки репрезентативец Марко Безјак ја игра последната сезона во својата богата кариера, пишуваат словенечките медиуми.
Словенецот, кој моментално настапува за германски Ерланген, по завршувањето на тековната сезона ќе се врати во својата татковина и ќе стане предводник на Ормож.
Безјак токму во Ормож ги направи првите ракометни чекори, а сега ќе има можност да му се врати на клубот како тренер, па ќе се обиде своето големо искуство да им го пренесе на новите генерации.
Во 2008 година, искусниот среден бек од Ормож се пресели во Велење, каде пет сезони го носеше дресот на Горење, по што направи трансфер во Германија. Таму беше дел од Магдебург, клуб во кој настапуваше од 2013 до сезоната 2022/23.
Токму со Магдебург, Безјак стигна до најголемиот трофеј во својата кариера – титулата во Лигата на шампионите. Откако го напушти Магдебург, одлучи да потпише за хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице.
Сепак, кратко траеше неговата авантура во Нашице, бидејќи доби суспензија од ХРС и ЕХФ поради инцидентот на натпреварот против Загреб. На почетокот на септември, минатата година, се врати во Германија и го засили Ерланген.