Еден од најдобрите странски ракометари што некогаш настапувале во македонскиот шампионат, Мирко Мајиќ, продолжува да импресионира и по краjoт на играчката кариера. Поранешниот ас на Бутел Скопје, Тиквеш, Радовиш и МАКС Струмица сега е дел од стручниот штаб на Будуќност Подгорица, но и натаму е спортски активен – овој пат на тениските терени.
Мајиќ неодамна стана првак во најсилната сениорска тениска конкуренција во својата татковина Црна Гора. Во финалето, тој беше подобар од Андрија Јасовиќ со 2-1 во сетови (5-7, 7-6, 6-3), покажувајќи дека и по ракометната пензија, натпреварувачкиот дух и дисциплината му се во крвта.
Откако се врати во Црна Гора, Мајиќ ја започна својата тренерска кариера, придружувајќи се на Будуќност Подгорица како дел од стручниот штаб. Неговата богата играчка биографија вклучува настапи за Будуќност, Рудар Плевља, Сутјеска и Даниловград, пред да потпише за МАКС Струмица во 2015 година и да го започне својот македонски ракометен пат.
Во Македонија, тој настапуваше и за Радовиш, а најдолг и најуспешен период мина во Бутел Скопје – дури пет сезони, каде стана еден од најзначајните играчи во историјата на клубот. Последната сезона ја одигра во Тиквеш, а со двата клуба настапуваше и во европските купови. За македонските клубови, Мајиќ постигна над 1.000 голови – импресивна бројка што го вбројува меѓу најпродуктивните странски ракометари што играле во земјата.
И на ракометниот терен и на тениското игралиште, Мајиќ продолжува да го живее спортот со иста страст и посветеност. Овој мултиталентиран спортист е доказ дека љубовта кон спортот нема рок на траење.