Беровиќ верна на Металург Автокоманда

Младинската репрезентативка на Македонија, Таида Беровиќ, и наредната сезона ќе биде дел од тимот на Металург Автокоманда.

Беровиќ долго време игра под водство на Јулијана Дамчевска, а така ќе биде и претстојната сезона во Супер Женската лига. Металург Автокоманда состави солиден ростер со кој ќе може да се вмеша во битката за трофеите, но и за добар настап на меѓународна сцена.

Претходно Металург Автокоманда ги договори Слободанка Кицеска, Ива Божиноска, Анастасија Николовска, Петра Јершек, Ана Марија Коларовска, кои играа во Ѓорче Петров и Сара Ристовска, која доаѓа од Вардар.

Договорите беа продолжени со голманката Софи Гошевска, десните крила Мина Ѓурческа и Марија Гугуљанова, левите крила Сара Миновска и Јана Ѓошевска, кружните напаѓачи Ивана Димоска и Александра Коловска, како и левиот бек Марија Јанкуловска.

Металург Автокоманда минатата сезона го освои второто место и играше на Ф4 во Купот на Македонија, а претстојната сезона покрај на домашна сцена, ќе биде активен и во ЕХФ Европскиот Куп.