Бејби-бум во Ѓер: Четврта ракометарка ќе паузира поради бременост

Една од најголемите ракометни ѕвезди и капитенката на француската репрезентација, Естел Н’зе Минко, ја сподели најубавата животна вест – таа очекува бебе.

Ракометарката која минатата сезона беше прогласена за најдобар лев бек од ЕХФ, објави за бременоста со емотивно видео на Инстаграм.

„Последните месеци сè се промени. Моето тело ја презеде контролата. Никогаш не сум била посигурна во себе, во тебе, во нас тројца,“ напиша Н’зе Минко.

Нејзиниот клуб Ѓер веднаш ѝ испрати порака со поддршка, нагласувајќи дека со радост го чекаат новиот член во „зеленото семејство“.

„Се чувствувам привилегирана што ова ‘патување’ го живеам токму тука, со овој тим. Не можам да дочекам да се вратам – полна со страст, мотивација… и со нов член на нашето семејство,“ изјави 34-годишната ракометарка.

Н’зе Минко беше повикана во составот на Франција за пријателските натпревари со Романија во септември, но сега е јасно дека нема да настапи.

Таа сигурно ќе го пропушти и Светското првенство во Германија и Холандија, кое ќе се одржи од 26 ноември до 14 декември.

Н’зе Минко е четвртата ракометарка од европскиот шампион Ѓер, која ќе ја пропушти тековната сезона поради бременост. Тоа неодамна го објави Кари Братсет Дале, а нови животни улоги ќе имаат Викторија Лукач и Сандра Тофт.