Kаталонскиот гигант Барселона и понатаму строго се придржува до своите внатрешни принципи. Иако Дика Мем неодамна објави дека ќе се пресели во Берлин во 2027 година, францускиот репрезентативец ќе ја задржи капитенската лента до крајот на актуелната сезона, но не до крај на престојот во Шпанија.
Тренерот на Барселона, Карлос Ортега, и овој пат не отстапува од правилото кое го воведе по своето доаѓање во 2021 година – играч кој официјално ќе го најави своето идно заминување не може долгорочно да биде капитен на тимот. Истата политика претходно беше применета и во случаите на Лудовик Фабрегас и Гонзало Перез де Варгас.
Ситуацијата со Мем, сепак, носи одредена специфичност. Неговата одлука беше објавена во средината на сезоната, нешто што досега не се случило со капитен за време на мандатот на Ортега. Токму поради тоа, Барселона реши да не прави итни промени и да му дозволи на Мем да ја задржи лентата до крајот на сезоната, со цел да се зачуваат стабилноста и хармонијата во тимот, но ќе му биде одземена на лето.
По завршувањето на сезоната, Барселона ќе влезе во нова ера и со нов капитен, а за очекување е тоа да биде десното крило Алеиш Гомез.


























