Барса и Келце не видоа мака, „лисиците“ го надитрија Нант во Франција

Најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите, Барселона, имаше успешен старт на новата сезона и славеше на домашен терен против данскиот ГОГ Гудме со 37-32.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога каталонскиот гигант водеше со девет гола, 24-15, а во вториот дел немаше дилеми околу победникот. Голманите Нилсен и Халгримсон комбинираа 17 одбрани, додека најдобри стрелци беа Фернандес со шест, Фабрегас и Карслбогард со по пет гола кај Барса. Кај ГОГ Гудме се истакна летното засилување Оли Митун, кој погоди пет пати.

Покрај Барса, убедлива победа забележа и полскиот вицепрвак Келце, кој го победи норвешкиот Колстад со 38-27. Беше 7-1 за седум минути во „Легионово“ и беше јасно каков тек ќе има овој меч во продолжение, а паузата Келце водеше со 16-12.

Вториот дел беше формалност, а несовладлив на голот беше Ферлин со 15 одбрани, додека листата на стрелци ја предводеше Влах со седум гола. Сите што му беа на располагање на Талант Душебаев погодија во голот на Колстад, освен Македа. Во норвешкиот состав по четири пати стрелаа Адберг, Сондена, Јепсон и Ховде.

Фуксе Берлин победи на тешко гостување кај Нант со 40-34. Предводник на „лисиците“ беше Матијас Гидсел со десет голови, а кај Нант непогрешлив беше Ривера со седум од седум.

Францускиот тим ја имаше предноста во првиот дел, 17-16, но во второто полувреме и покрај солидните Пешиќ и Биоска прими дури 24 погодоци, па Фуксе Берлин направи комплетен пресврт, се одлепи на плус четири и до крајот ја одржуваше разликата.