Барса доби вајлд-карта, комплетиран списокот за Светското клупско првенство!

ИХФ го потврди составот на екипите за 18. издание на Светското клупско првенство, кое ќе се одржи од 26 септември до 2 октомври 2025 година во Каиро, Египет.

Барселона е последниот учесник што обезбеди место во Каиро, откако каталонскиот гигант доби вајлд-карта како најтрофејна екипа во ова натпреварување.

Шпанскиот тим досега има освоено пет титули (2013, 2014, 2017, 2018, 2019), две втори и уште две трети места од вкупно 10 настапи.

Како актуелен првак на Шпанија и полуфиналист на Ф4 за сезоната 2024/25, Барселона ќе го надополни европското дуо со Магдебург и Веспрем, што гарантира висок квалитет.

Покрај европските екипи, на Светското клупско првенство ќе играат домаќинот Замалек, египетскиот Ал Ахли, Шарџа од ОАЕ, бразилскиот Таубате како шампион на Средна и Јужна Америка, потоа првакот на Северна Америка и Кариби – Калиорнија Иглс, како и првакот на Океанија, Сиднеј Универзитет.

Ждрепката за групите ќе се одржи во август.