Младинците на Еурофарм Пелистер ја завршија оваа сезона во Лигата на шампионите на четвртото место со пораз од Барселона со 55-28. И покрај двата порази, сепак македонскиот тим направи голем успех со пласманот на завршницата на најелитното натпреварување, каде што не се најдоа младински екипи на многу европски гиганти.
Слично како и на натпреварот против ГОГ Гудме, избраниците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски парираа во првите моменти и беше реми, 3-3, а потоа Барса започна да се одлепува.
Шпанците направија серија од четири гола за 11-6, па клупата на битолчани реагираше со тајм-аут. Сепак лошата реализација на македонскиот претставник беше казнета и Барса на пауза замина со водство, 26-14.
Ален Хаџиќ за разлика од ГОГ, против Барса имаше подобар процент, но тоа не беше доволно за изненадување против фаворитот. Второто полувреме мина во комплетна доминација на каталонците за убедлива победа.
Шанса за настап на Ф4 добија сите ракометари од ростерот на Еурофарм Пелистер и сите имаа шанса да почувствуваат што значи да се игра на ваков ранг на натпревари со најдобрите млади екипи.
Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Хаџиќ со десет гола, Симоновски со шест, како и Буторац со пет погодоци, додека голманите Трсунов и Фехми имаа седум одбрани. Во составот на Барса, по десет гола дадоа Мартин и Коладо.