Норвешката ракометна легенда Камила Херем (39), двојна олимписка шампионка и трикратна светска првенка, храбро се врати на теренот по тешка животна битка. Во јуни 2025 година и беше дијагностициран карцином на дојка, по што помина низ хемотерапија и долг процес на лекување.
Некогашната ракометарка на Вардар минатиот месец повторно заигра за својот матичен клуб Сола, и тоа на спектакуларен начин – со сјајна игра и огромна поддршка од публиката.
Но, радоста на овој момент ја засени инцидентот на натпреварот против Гјерпeн, каде што спикерот на домашниот тим, Том Гуликсен, изговори несоодветна и навредлива шега на нејзина сметка.
„Па барем не ѝ треба фен за косата.“
Коментарот, кој се однесуваше на губењето коса како последица од хемотерапијата, предизвика силна реакција во норвешката јавност. Клубот Гјерпeн веднаш реагираше и му даде отказ на спикерот, извинувајќи се јавно за инцидентот.
Гуликсен потоа се извини и изрази длабоко жалење, а Херем го прифати извинувањето. Нејзиниот сопруг и тренер, Стефан Стегавик, за телевизијата ТВ2 изјави дека станува збор за „несреќен и непромислен коментар“, но дека случајот е затворен бидејќи клубот реагирал брзо и коректно.
Камила Херем е една од најголемите ракометни ѕвезди во историјата на Норвешка, а една сезона од богатата кариера мина и во Скопје.
 
            

 
								  
								  
								  
	
									  
								
























 
                