Изминатиот викенд се одиграа полуфиналните натпревари од третото по ранг европско клупско натпреварување, Европски Куп.
Кај мажите, тимот на Олимпијакос, предводен од екс стратегот на Еурофарм Пелистер – Жељко Бабиќ, се избори за одличен резултат на гости кај унгарскиот Ференцварош, 28-28 и на реваншот ќе има шанса со минимален триумф да избори финале.
Во вториот полуфинален натпревар, исландскиот Валур, на домашен терен славеше против романската Баја Маре со 36-28 и веќе може да го планира финалниот двобој.
Во женска конкуренција, тимот што го елиминираше Ѓорче Петров во претходната фаза, шпанскиот Елче е на чекор до финале, откако во првата полуфинална средба славеше на гости кај Гран Канарија со 26-24.
Во второто полуфинале, словачкиот тим Јувента Михаловце ја совлада португалската Бенфика со 30-28.
Реваншите од сите натпревари се играат следниот викенд.