Бабачев: Темпото што ќе го наметнеме мора да го држиме до крајот, стилот на Вардар ни лежи

Тимот на Охрид го пречекува Вардар во СРЦ „Билјанини Извори“ во дербито на 8 коло од суперлигашкиот плеј-оф.

Охриѓани на претходните меѓусебни средби прикажуваат одлични партии против „црвено-црните“, но не беа наградени барем со бод.

Асистентот на Стевче Алушовски, Наум Бабачев вели дека стилот на Вардар им лежи на охриѓани.

„За Вардар како тим не треба да се трошат зборови. Ние имаме свои математики и ќе ја бараме шансата кај некои од фаворитите. Треба да одиграме цврста одбрана, па ќе видиме на крај каков ќе биде резултатот. Секоја екипа од водечката тројка има посебен стил на игра, можеби ни лежи стилот на Вардар, па затоа мислам дека секогаш играме егал со нив. Иако имаме големи проблеми со повредени ракометари, мислам дека пред охридската публика секогаш го даваме максимумот, само треба да ја задржиме концентрацијата во последните десетина минути и да го задржиме наметнатото темпо од стартот до крајот“, вели Бабачев.

Охриѓани имаат проблеми со повредени ракометари, но Бабачев смета дека може да бидат конкурентни и ја повика публиката во што поголем број да дојде на мечот.

„Како и на секој меч, нашиот стратег Стевче Алушовски, со добра видео анализа и со добри тактички замисли, секогаш оди на добар резултат. Според мене најголемата опасност кон нашиот гол доаѓа од Вуко Борозан, Милан Лазаревски и Гоце Георгиевски, и ќе треба да обрнеме најголемо внимание кон нив. Кај нас составот го креираат повредите, па мислам дека ќе настапиме со истите ракометари што играа на претходниот натпревар. Ја повикувам охридската публика да дојде во голем број, да биде нашиот осми играч како и секогаш, и конечно една голема екипа да падне во Охрид“, заврши Бабачев.

Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ в недела со почеток во 18:30 часот.