Репрезентацијата на Австрија со победа ја започна борбата за полуфинале на Европското првенство 2024, откако во првото коло од главната фаза во возбудлив дуел славеше над Унгарија со 30:29.
Унгарија од првата, па до 23 минута имаше резултатска контрола, но во последните пет минути од првиот дел дозволи ривалот да се врати во игра. Избраниците на Алеш Пајовиќ влегоа во грч, направија неколку технички грешки на почетокот и никако не можеа да влезат во ритам.
Унгарците отворија со 3:0, ја диктираа играта на теренот, имаа неколку расположени играчи и кон средината на првиот дел дојдоа до највисоките четири гола разлика, 8:4. Австрија играше „топло-ладно“, на моменти резултатски се доближуваше и до 20 минута заостануваше на три гола.
По предноста на Унгарија од 13:10, составот на Пајовиќ со серија од 3:0 конечно дојде до израмнување на резултатот, 13:13. Од тој момент се играше гол за гол, репрезентацијата на Унгарија победуваше, израмнуваше Австрија, па така по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 17:17.
Избраниците на Родригез на почетокот на второто полувреме зголемија на 20:18, но Австрија не се предаваше и по негативата од 22:20 направи целосен пресврт, за првпат поведе на натпреварот, 23:22. Тука беше јасно дека до финишот ќе има голема борба за освојување на двата бода. При водство на Австрија од 25:24, двете репрезентации во неколку наврати не успеваа да дојдат до реализација.
Откако пет-шест минути немаше реализација, ракометарот на Унгарија, Бенце Банхиди, погоди за 25:25 и до последната минута само нијанси решаваа каков ќе биде исходот од неизвесниот дуел. Сите опции беа отворени, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство, беше 29:29 на триесетина секунди пред крајот, за Австрија погоди Билик за 30:29, додека Унгарија во преостанатите десет секунди немаше доволно време да организира добар напад.
Австрија во второто коло ќе се соочи со домаќинот, додека Унгарија за ривал ја има Хрватска.