Атлетик во последните десет минути го реши Ѓорче Петров 2

Тимот на Атлетик ја прослави втората победа во прволигашкото друштво, откако на домашен терен го совлада најголемиот конкурент за првото место, Ѓорче Петров 2, со 25-21.

Иако гостинките водеа со 7-1 по 13 минути игра, Атлетик ја стегна одбраната, а нападот предводен од Величковска успеа да ја стопи негативата. Не само што израмни, Атлетик успеа да паузата да го комплетира пресвртот со голот на Босилковска и да поведе со 11-10.

Димоска се трудеше да го остави во игра Ѓорче Петров 2 за позитивен резултат, но не можеше само против расположените домаќинки. Атлетик во вториот дел имаше плус три, но дозволи гостинките да стигнат до реми, 18-18, а во последните десетина минути се влезе со резултат, 20-19.

Тогаш следуваше клучниот период на натпреварот. Гостинките грешеа во серија, Кралева, Конеска и Величковска се погрижија за 23-19 за Атлетик и веќе немаше дилеми околу победникот на овој натпревар.

Величковска даде пет гола за победникот, а Дамјановска, Конеска и Босилковска стрелаа по четири пати. Во составот на Ѓорче Петров 2 се истакнаа Димоска со осум и Аврамоска со четири гола.