Атанасијевиќ: Играме до последна минута, никој не може лесно да нè победи

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер во трката за осминафинале мора да брка позитивен резултат кај Фуксе Берлин.

Левиот бек Павле Атанасијевиќ вели дека екипата патува во Берлин да се обиде да стигне до победа.

„Имаме тежок распоред и немаме ден за одмор. Сепак, од прв до последен даваме максимум. Одиме кај Фуксе Берлин и пак ќе бидеме на висината на задачата. Тие се одлична екипа, имаат светски ѕвезди и одиме во Берлин да се обидеме да победиме. Тренерот ќе постави тактика во одбраната и нападот и мислам дека ќе одиграме на ниво. Не се откажуваме, играме до последна минута и тоа е карактеристика која нè краси. Никој не може лесно да нè победи. Сите сме мотивирани, нешто посебно игра во нашите тела и нема замар. Одиме чекор по чекор. Прво Фуксе Берлин, па потоа ПСЖ. Најубаво е да се игра пред македонски навивачи. Атмосферата која ја приредуваат „Чкембарите“ и битолчани едноставно те понесува. Убаво е тоа чувство“, вели Атанасијевиќ.

Натпреварот меѓу Фуксе Берлин и Еурофарм Пелистер ќе се игра во „Макс Шмелинг Арена“ во Берлин утре со почеток во 20:45 часот.