Екипата на Атраион, која во претходното коло одигра реми со Младост Богданци, денес на гостувањето во Велес кај Борец ја запиша втората сезонска победа, откако обезбеди убедлив триумф од 13 гола разлика, 30:17, во натпревар од третото коло во прволигашката конкуренција.
Домаќинот парираше само на стартот, се држеше до 3:3, потоа гостите од Струмица наметнаа свое темпо и започнаа да воспоставуваат резултатска контрола.
Победникот беше решен уште по првото полувреме, кое избраниците на Пепи Пецанов го добија со десет гола разлика, 18:8.
Велешани немаа расположен ракометар кој ќе им помогнеше да ја преполоват негативата, на моменти погодуваа Ристов, Крстевски и Богдановски, но тоа не беше ни најмалку доволно за да се избегне високиот пораз.
Борец во минатата сезона не успеа да освои ни бод, беше поразен на сите дуели во регуларниот дел и во плеј-аут фазата во Првата лига, па очигледно е дека го чека слична судбина и во новата сезона.
Предводник во победничката екипа беше Кире Георгиев со 11 погодоци. Кај Борец се истакна Леон Ристов, имаше седум реализации.