Астибо се пофали со четири засилувања, Димова го продолжи договорот

По историскиот пласман во плеј-офот на Женската лига минатата сезона, штипски Астибо не застанува. Тимот на Дејан Величков денеска ги претстави новите засилувања со кои ќе атакува на уште подобри резултати во сезоната 2025/26.

Во клубот пристигнуваат четири нови ракометарки – бековите Климентина Ѓурческа и Мила Филипова, кружниот напаѓач Марија Бојковска и крилото Ангела Петровска. Ѓурческа и Бојковска доаѓаат од редовите на Скопје, додека Филипова и Петровска беа дел од Шампион.

Покрај нив, договорот со клубот го продолжи и Елена Димова, а тренерот Величков ќе може да смета и на проверената Марија Анчеа.

Астибо претходно се засили и на голманската позиција – од Овче Поле Славјански Универзитет пристигна искусната Кристина Младеновска Кузмановска, а во тимот е и млада надеж од школата на Металург – Хани Чобанова.

Штипјанки со амбициозен ростер влегуваат во новата сезона, а очекувањата се дека ќе бидат уште поконкурентни во домашното првенство.