Ракометарките на Астибо прославија важна победа на гостувањето кај Стружанка со 31-29 во осмото коло од Женската лига и се најдоа на чекор до плеј-офот.
Штипјанки има скратен ростер во Струга, до паузата успеаја да направат добра залиха од шест гола, а на полувреме беше 17-12. Во исто темпо продолжи и второто полувреме, кога избраничките на Дејан Величков водеа со 27-22. Но прерано се опуштија и за малку ќе направеа од „готово-вересија“.
Мотивираниот млад состав успеа да направи комплетен пресврт и да поведе со 28-27, а кога имаше да се играат уште две минути беше 29-29. На сцена стапи искусната Марија Анчева, која беше најдобар стрелец со 12 гола на мечот, а домаќинките пропуштија две прилики и победата замина за Штип.
Покрај Анчева, во штипскиот тим се истакна Елена Вучевска со седум гола, додека во редовите на Стружанка најдобра беше Ива Миновска со исто толку.
Астибо е трет на табелата со осум бода, а Скопје втор со девет бода, но има уште еден меч за играње против фаворитот Чаир. Штипјанки ги очекува клучен меч со Ѓорче Петров 2, на кој и бод ќе им биде доволен за второто место и пласман во плеј-офот бидејќи имаат подобар меѓусебен дуел со Скопје.
Скопјанки можеа да го зголемат притисикот врз Астибо, но не успеаја да го освојат целиот плен кај тимот на Ѓорче Петров 2, 27-27. Во драматичниот натпревар, двете екипи имаа свои моменти, но во финишот гостинките ја преземаа контролата.
По 25-23 за Ѓорче Петров 2, Скопје направи пресврт и поведе со 26-25. Беше и 27-26 за избраничките на Андријана Будимир, но Мила Лашкоска спречи гостинска радост и немаше повеќе време за нов напад на Скопје.
Најдобри стрелци во тимот на Ѓорче Петров 2 беа сестрите Ања и Мила Лашкоски, кои комбинираа 12 гола, додека кај Скопје, седум гола даде Наталија Максимовска, а пет Јана Петровска.