Норвешкиот клуб Ранхајм објави дека во стручниот штаб на клубот се приклучува Агустин Боу, поранешен член на стручниот тим на Вардар. Аргентинецот ќе биде дел од стручниот штаб на првиот тим, но и главен тренер на неколку младински категории во клубот.
Боу е родум од Аргентина и важи за експерт во тактичка анализа и индивидуален развој на играчи. Неговото искуство опфаќа ангажмани во познати клубови низ Европа и Јужна Америка, меѓу кои Барселона Гава, Марторел, како и норвешките Викамер и Колстад.
Во Македонија, последен ангажман му беше во Вардар, најтрофејниот ракометен клуб и двократен шампион на Лигата на шампионите. Покрај тоа, Боу има искуство како асистент селектор на сениорската репрезентација на Аргентина, како и дел од тренерскиот кадар на норвешката ракометна федерација.
Во својата нова улога, Боу ќе биде главен тренер на младинските екипи до 15 и 16 години, а дополнително ќе работи и со женските младински и сениорски селекции на клубот.