Арбитри од Романија за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите

Европската ракометна федерација ги објави официјалните лица за полуфиналните натпревари од Ф4 турнирот во младинската Лига на шампиони, што ќе се одржи на 14 и 15 јуни.

Македонскиот претставник Еурофарм Пелистер, кој испиша историја со пласман меѓу најдобрите четири екипи во Европа, ќе се соочи со данскиот ГОГ Гудме во првото полуфинале.

Судискиот пар за овој натпревар доаѓа од Романија –  Марија Корина Бадеа и Барбара Синтија Шандор, додека делегати ќе бидат Бит Нагел од Швајцарија и Пол Несер од Луксембург.

Натпреварот е закажан за 14 јуни во 09:00 часот, а ќе се игра во Дормаген, во близина на Келн. Според распоредот, сите мечеви освен финалето ќе се одиграат во овој германски град.

Доколку избраниците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски го совладаат данскиот шампион, во финалето ќе играат против победникот од второто полуфинале помеѓу Барселона и Веспрем.