Екипата на Еурофарм Пелистер го доживеа четвртиот пораз во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Полска кај Висла Плоцк беше поразена со 26:18 во натпревар од 5. коло од групата А.
За Висла Плоцк, која на овој натпревар настапи без еден од најдобрите стрелци – Герго Фазекаш, ова беа првите сезонски бодови во европската елита, додека битолчани остануваат на еден бод, оној кој што беше освоен против Спортинг Лисабон.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, ги истакна причините за убедливиот пораз од полскиот шампион.
,,Честитки за екипата на Висла Плоцк, таа беше подобар тим денес, доминирајќи на теренот во текот на целиот натпревар. Ние започнавме лошо, потоа направивме премногу технички грешки и поради тоа невозможно беше да се вратиме на овој натпревар”, изјави Ангеловски.
Еурофарм Пелистер во 6. коло од европската елита ќе се соочи со Веспрем, но пред натпреварот со унгарскиот гигант ќе игра против тимот на Кире Лазаров во 8. коло од Супер лигата.